Бразилците со најголема премија за титула на СП

Фудбалерите на Бразил ќе добијат по 850.000 евра секој, ако ја освојат шампионската титула на СП во Русија. Тоа е највисоката ветена премија за освојување на Мундијалот.

Добро мотивирани да се борат за шампионската титула се и Белгијците. Премијата за репрезентацијата на Белгија изнесува 10.5 милиони евра, односно по речиси 455.000 евра за секој фудбалер.

Актуелниот светски шампион Германија, за одбрана на титулата има ветена премија од по 400.000 евра за секој фудбалер.

Многу поскромна е наградата што ќе ја добијат Англичаните. Доколку станат светски шампиони англиските репрезентативци ќе поделат по нешто помалку од 250.000 евра по играч.

Двојно поголема премија за шампионска титула и е ветена на репрезентацијата на Србија. За освојување на Мундијалот, Србите ќе добијат 10 милиони евра, а половина милион ќе поделат ако успеат да го победат вечерва Бразил и да ја поминат групата.

Наградата од ФИФА за новиот светски шампион изнесува 31 милиони евра. Второпласираната селекција ќе добие 23.8 милиони, третопласираната 20, а четвртата – 18 милиони евра.

Се вчитува...