Брегалница го продолжи договорот со Силјановски, разделба со Мојсов, Ѓокиќ, Кордоба и Хаџановиќ

Еден од најдобрите фудбалери на Брегалница од минатата сезона, Горан Силјановски ја продолжи соработката со „сините“ и за следната прволигашка сезона.

Силјановски денеска потпиша нов договор со Брегалница во желбата за нови успешни настапи во синиот дрес во елитното друштво.

„Имавме успешна пролет и една од најуспешните сезони на Брегалница во прволигашкото друштво. Сето тоа ни носи нови мотиви за новата сезона која ќе биде нов сериозен предизвик за мене во синиот дрес, за уште поголеми успеси во иднина“ – истакна Силјановски во изјава за официјалната интернет-страница на клубот, по договорот за продолжување на соработката.

Штипјани, пак, од друга страна, со завршувањето на меѓусебните договори се разделија со офанзивецот Милан Ѓокиќ, дефанзивците Александар Борха Кордоба и Даниел Мојсов како и фудбалерот од средниот ред, Адис Хаџановиќ, кои си заминуваат од клубот.

„По крајот на договорите завршена е соработката со Милан Ѓокиќ, Александар Борха Кордоба, Даниел Мојсов и Адис Хаџановиќ. Во тек се разговорите со пооделни фудбалери на кои им се завршени договорите во желбата за заеднички јазик за продолжување на соработката. Јасно е дека, во желбата за креацијата на новиот изглед на тимот, нашите цели и амбиции се нови адекватни засилувања за максимална компетитивност во Првата лига следната сезона“ – вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Горан Здравков.

Завршени се договорите и со Дарко Додев кој исто така е пред заминување од клубот и потпис со албанскиот прволигаш Влазнија, а се очекува продолжување на соработката со Ѓорѓи Ѓорѓиев кој имаше одлична сезона во Брегалница.

Се вчитува...