Брестовац чека промоција, Комисијата испрати предлог до УО на РФМ

Данило Брестовац доцна синоќа се врати назад од Ниш во Скопје по гостувањето на Металург против Железничар, во очекување во најскоро време да потпише и договор како нов селектор на репрезентацијата на Македонија. Конкурсот за селектор и официјално беше затворен, а Комисијата за избор на селектор ги разгледа апликациите, по што својот предлог го достави до Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија.

„Нашата работа е завршена со разгледувањето на апликациите и испраќањето на предлогот до Управниот Одбор. Не би смеел да откривам повеќе детали, но очекувам се да биде официјализирано наскоро“ – изјави Гино Стрезовски, кој беше еден од тројцата членови на комисијата.

Во предлогот на комисијата согласно правилата има две имиња, но Брестовац е стратегот што ќе биде промовиран од страна на раководството на Ракометната Федерација на Македонија, откако ќе биде „аминуван“ од страна на Управиот Одбор согласно процедурите на ракометната куќа.

Промоцијата на Данило Брестовац како нов селектор се очекува до крајот на оваа седмица, а во меѓувреме би требало да биде најден заеднички јазик меѓу РФМ и РК Металург, најверојатно со компромис овој стратег да ги извршува и тренерската и селекторската функција до крајот на сезонава, па потоа целосно да се посвети на националниот тим.

На прес-конференцијата се очекува да бидат обелоденети и детали околу стручниот штаб на новиот селектор, но и за замислите на РФМ околу селекторските функции на младинската и на кадетската репрезентација, што досега ги извршуваше токму Брестовац.

Се вчитува...