Брестовац: ЕХФ шампионатот на домашен терен е посебен предизвик

Машката младинска репрезентација ги одработува завршните подготовки пред ЕХФ шампионатот (У20) што ќе се одигра од 20 до 29 јули во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонските ракометни надежи настапот на шампионатот го почнуваат в петок (20 ч.) против аутсајдерот во групата, селекцијата на В.Британија, а потоа следуваат дуелите со Италија, Швајцарија и со Украина.

Селекторот Данило Брестовац потенцира дека македонскаат репрезентација е подготвена за предизвикот што го носат настапите на ЕХФ шампионатот пред домашната публика, а формата ќе се темпира од натпревар во натпревар и во од ќе се корегираат деталите во играта.

„Добро е што на почетокот играме со Велика Британија. Ќе настојуваме формата да се подигнува од натпревар во натпревар. Да фатиме залет, да видиме до каде сме, да направиме повеќе ротации и да видиме кој може да повлече. Не очекувам ништо спектакуларно од овој прв натпревар, треба да победиме, но и што побрзо да ги надминеме оние „детски болести“ на стартот и притисокот што го носат настапите на домашен  терен. Мислам дека сме подготвени да одговориме на предизвикот иако треба да се финализираат уште некои детали во играта, пред се на тактички план“ – вели Брестовац.

Во склоп на подготовките пред ЕХФ шампионатот, македонската репрезентација одигра два контролни натпревари со селекцијата на Црна Гора на кои забележа две победи. Покрај претходните настапи на турнирите во Унгарија и во Романија, ова беше уште една проверка и можност за воигрување и реализација на тактичките замисли.

Евидентно е дека на овие играчи им недостасуваат натпревари, но формата оди во нагорна линија. Треба да поработиме на некои техничко-тактички детали. Имавме проблеми во реализацијата, а треба да се подобри и процентот на одбраните“ – нагласува македонскиот селектор.

Прелиминарната фаза од ЕХФ шампионатот во Скопје ќе се игра во две групи. Во групата А се: Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија и Литванија, а во групата Б ќе играат: Македонија, В.Британија, Италија, Швајцарија и Украина.

Првите две репрезентации и од секоја група ќе играат во полуфиналето ЕХФ шампионатот, а останатите селекции ќе разигруваат за пласман. Победникот од овој ЕХФ шампионат обезбедува место на младинското ЕП за наредната година.

Се вчитува...