Шпанија е освојувач на третото место на СП 2021 во Египет откако „црвената фурија“ во денешното мало финале славеше над селекцијата на Франција со резултат 35-29. По европската круна освоена лани, Шпанците повторно стигнаа до медал на едно големо натпреварување, додека „триколорите“ под водство на новиот селектор Жил покажаа значителни слабости на клучните натпревари.
Шпанската доминација беше најавена уште на самиот почеток, кога „црвената фурија“ во стартните неколку минути поведе со 4-0. Коралес бранеше одлично на шпанскиот гол, Алекс Душебајев беспрекорно раководеше со нападите, па Шпанците во неколку ситуации имаа и „плус пет“ во првото полувреме. Французите пред крајот на полувремето намалија на 15-13, на одмор се замина со 16-13, а „триколорите“ потоа во почетните минути од вториот дел дојдоа до само еден гол негатива (16-15). Сепак, тоа беше се што Франција успеа да стори на овој меч, шпанските ракометари повторно воспоставија контрола на теренот и на крајот славеа со удобни „плус шест“.
Алекс Душебајев беше најефикасен со осум гола, а одличен придонес даде и неговиот брат Дани Душебајев постигнувајќи шест погодоци. Кај Франција најдобар поединец при денешниот пораз беше Деска со седум погодоци.
Во големото финале во 17.30 часот силите ќе ги одмерат скандинавските ривали Данска и Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА