Брорсон: Малме сигурно ќе даде гол и во реваншот

Вардар оствари позитивен резултат на гостувањето во Шведска играјќи 1-1 против Малме во првиот меч од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Бобан Николов донесе водство за македонскиот првак во 63.минута, а Франц Брорсон го израмни резултатот во 75.минута.

Дефанзивецот Брорсон беше меѓу клучните фигури на дуелот, тој не успеа да го блокира ударот на Николов по што тој постигна гол, но потоа возврати на спротивната страна.

„Истрчав во блок при шутот, но противничкиот фудбалер успеа да пронајде малку простор за топката да мине и на крајот, за жал, да заврши во голот. Но, за среќа, се вративме со мојот погодок. Ќе беше многу тешко со 0-1 да патуваме на реваншот, а сега, при 1-1, Вардар има само мала предност за гол постигнат на гости. Но, сигурен сум дека и ние ќе постигнеме гол во реваншот“, изјави Франц Брорсон, одбранбениот фудбалер на Малме.

Реваншот меѓу Вардар и Малме ќе се одигра во вторник, со почеток во 18 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.

Се вчитува...