Раководството на Бруклин нетс изврши дополнителен притисок врз Кајри Ирвинг во обид да го убеди големиот ас да се вакцинира, откако реши воопшто да не го вклучи во тимот се додека Ирвинг не го прекине инаетот и реши да ги исполни барањата наведени во ковид-протоколите на НБА-лигата и на американските власти.
Во случајов пресудна е одлуката на сојузната држава Њујорк, која им забранува на спортистите кои не се вакцинирани да бидат дел од спортските настани. Ова практично значеше дека Ирвинг не можеше да ги игра сите домашни натпревари на Бруклин, губејќи сериозни суми на пари за секој меч на кој нема да биде со тимот.
Како опција се споменуваше тој да игра само на гостинските натпревари, но и ова денеска беше отфрлено по состанокот што го имаше генералниот менаџер Шон Маркс со стручниот штаб и со главните играчи на тимот, Кевин Дурант и Џејмс Харден.
„Донесовме заедничка одлука Кајри Ирвинг да не игра, ниту пак да тренира со тимот додека не е целосен член на оваа екипа. Кајри донесе одлука согласно своето лично право, но ние немаме намера да дозволиме некој да учествува парцијално во клубот, да игра само половина натпревари. Мораме да продолжиме да го засилуваме тимскиот дух, секој играч дава свој придонес за единство и жртва за тимот. Никој не е исклучок од ова“, изјави Маркс за американските медиуми.
На потег сега е Ирвинг, кој низ годините се покажа како голем следбеник на теоретичарите на бројни светски заговори, кој доколку не се вакцинира ќе остане без богатство. Парите не се проблем за асот кој веќе има заработено мултимилионски суми низ кариерата, па не се отфрла можноста и тој да објави крај на кариерата, за кулминација на овој скандал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА