„Брзиот воз“ на Клоп во „седма брзина“ преку Кристал Палас

Ливерпул беше без победа на последните пет гостувања во Премиер-лигата, но актуелниот шампион во голем стил ја прекина оваа „црна серија“ славејќи со преубедливи 0-7 на гостувањето против Кристал Палас. Јиген Клоп реши да го стартува мечот без Мохамед Салах, но дури и во отсуство на својот најдобар стрелец Ливерпул одигра извонреден меч и поведе со 0-4 пред Египќанецот да влезе во игра и да остави свој печат на мечот, со два гола и една асистенција.

Минамино, кој доби предност пред Салах, го постигна својот прв премиерлигашки гол за Ливерпул на асистенција на Мане. Токму Мане беше стрелец на вториот гол, прекинувајќи го својот пост од девет меча без тресење на противничката мрежа, а на 0-3 зголеми Роберто Фирмино, резултат со кој се замина и на одмор.

Ливерпул продолжи со доминацијата, па преку капитенот Хендерсон стигна и до водство од 0-4, по што Клоп го уфрли Салах на местото на Мане. Египетскиот ас најпрвин му асистираше на Ливерпул за петтиот гол на својот тим, за потоа тој самиот да ги постигне погодоците број шест и седум, за преубедливиот триумф на актуелниот англиски првак.

Се вчитува...