Бубања останува тренер на Победа: Ваква љубов од навивачи за клуб никаде не сум видел!

Досегашниот тренер на Победа, Славољуб Бубања останува на кормилото на тимот до крајот на актуелнава сезона, информираат од прилепскиот прволигаш.

„Претседателот Ингилизов постигна договор со тренерот Бубоња на уште шест месеци. Тоа значи дека шефот на стручниот штаб кој внесе живост и дополнителна енергија откако дојде во клубот и за кој прилепските љубители на фудбалот имаат убаво мислење, останува да го води клубот и во пролетниот дел од првенството“ – се вели во информацијата од ФК Победа.

„Играчкиот кадар не е спорен, но тој треба да се дефинира и реално треба да се донесат вистински засилувања кои ќе ги подигнат нивото на играта а не нивото на тренинг. Ако тоа се направи и со квалитетни подготовки сигурно Победа напролет ќе биде многу подобра, а гледачите ќе гледаат подобар фудбал“ – вели Бубања, околу тоа што го очекува во продолжението од шампионатот, притоа потенцирајќи дека мора да се искористи фактот дека Прилеп живее за фудбалот.

„Сакам посебно да го потенцирам она што го забележав во овој мој краток престој во Прилеп. Никаде го немам доживеано ова што го видов во Прилеп. Обичните луѓе толку да го сакаат фудбалот и клубот и со толку многу детали да се запознаени како со сегашноста така и со минатото на клубот. Со конструктивни согледувања и за играта и за тимот, многу реални размислувања и предлози за доброто на Победа и градот. Тоа треба да се искористи и тоа вака како што реков: со квалитетен тим и добри игри“ – вели Бубања.

Се вчитува...