Бубања пред мечот со Работнички: Да се повтори играта и резултатот од Струмица

Фудбалерите на Победа ги очекува второ едноподруго гостување во оваа средишна фаза од вториот круг на шампионатот. По победата во Струмица во претходното коло над Академија Пандев од 1-0 прилепчани утре од 13 часот гостуваат на Работнички во 15. коло на Првата лига.

Шефот на стручниот штаб на Победа, Славољуб Бубања смета дека поразот во Купот од Пелистер не ја дефокусирал екипата која очекува позитивно издание на гостувањето во Скопје.

„Поразот од Пелистер во Купот малку не поремети, но тоа е веќе зад нас. Фудбалерите паузата ја искористија малку да се освежат а оваа недела максимално тренираа и подготвено го дочекуваат утрешниот натпревар. Гледајќи неколку мечеви на Работнички увидов дека е тоа екипа која има добар баланс. Тоа е спој на неколку доста искусни фудбалери со млади играчи. Забележав дека мојот колега доста ротира во составот. Играат агресивен фудбал и по мене тоа е можеби екипа која најмногу трча од сите прволигаши. Сигурно не очекува тежок натпревар но ние не се предаваме. Напротив одиме за Скопје со желба да го повториме резултатот од Струмица. Знам дека ќе биде тешко но фудбалерите се подготвени и верувам дека ќе дадат се од себе да избориме позитивен резултат кој доста би ни значел во оваа фаза од првенството. Откако дојдов во Победа само три пати игравме дома, од тоа со Вардар и Шкендија, како изразити фаворити, и еден условно полесен натпревар со Скопје, кој не е во најквалитетните тимови во лигата. Позитивен резултат против Работнички би бил од големо значење за нас и со него многу полесно би влегле во останатите три натпревари до крајот на полусезоната од кои двапати играме дома со Силекс во недела и во последното коло со Ренова, а имаме уште едно гостување на Скопје“ – вели Бубања пред утрешната пресметка.

За дуелот со Работнички во комбинација се сите фудбалери освен Карчески, кој ќе паузира поради 5 жолти картони. Кај домаќинот пак нема да настапат стоперите Садики (црвен картон) и Рашо (повреда).

Се вчитува...