Буфон: ПСЖ има тим за да ја освои Лигата на шампионите

Италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон, истакна дека ПСЖ има тим за освојување на Лигата на шампионите.

Легендарниот голман се потсети на својот краток престој во Париз како едно од најубавите искуства и како фудбалер и како личност.

Во среда во Лигата на шампионите ќе се соочат два негови поранешни клуба, Јувентус и ПСЖ, па првото прашање од новинарот на „Франс прес“ беше токму за тоа, односно за кого би сакал да игра на тој меч.

„За Јуве. Скоро цел живот го поминав таму, неизбежно постои силна врска, изградена на се што поминавме заедно 20 години (2001-2021). Но чувам и убави спомени од Париз, тоа беше едно од најубавите искуства во мојот живот и како фудбалер и како личност“, изјави Буфон.

Тој додаде дека е жално што мечот во Торино нема резултатско значење, бидејќи Јувентус веќе е елиминиран од Лигата на шампионите, а ПСЖ обезбеди нокаут фаза.

Запрашан дали ова е конечно вистинската сезона за ПСЖ во Лигата на шампионите, Буфон одговори дека секоја година ПСЖ се повеќе созрева за освојување на овој трофеј.

„Во последните седум-осум години, ПСЖ секогаш имаше тим кој може да ја освои Лигата на шампионите. Но, за да успеете во тоа, има детали кои понекогаш зависат и од среќата. Но, да, ПСЖ може да ја освои Лигата на шампионите оваа сезона“, истакна Буфон.

Се вчитува...