Буфон: Роналдо е смртоносен за голманите, а Реал е најдобриот клуб на сите времиња

Италијанскиот првак Јувентус се подготвува за првата четвртфинална пресметка во Лигата на шампионите. Утре во Торино ќе гостува актуелниот европски првак Реал Мадрид, кој во минатогодишното финале во Кардиф беше подобар токму од „старата дама“ и успеа да го одбрани трофејот. По 300 дена, сега повторно двата големи клуба ќе бијат битка за влез во полуфиналето на елитното европско клупско натпреварување.

„Загубивме во тие финални 90 минути, и тоа се уште многу боли. Но, пред нас е нов предизвик со Реал Мадрид, овојпат во 180 минути. Се надеваме дека сега ќе бидеме поуспешни. Реал Мадрид е подобар клуб од Јувентус, не го велам тоа јас туку историјата, освоените трофеи, бројките, тие се најдобрите на сите времиња. И претходно мислев дека освојувањето на Лигата на шампионите е тешко достижен сон, но не се откажувам ниту сега, на 40 години. Верувам дека имаме сили да го елиминираме Реал, иако тие се секако неверојатен тим. Го имаат Роналдо, тој е смртоносен за голманите. Поради него не спијам убаво изминативе неколку дена“, изјави Џанлуиџи Буфон.

Првиот четвртфинален меч меѓу Јувентус и Реал Мадрид ќе се одигра утревечер (20.45 часот) на стадионот „Алијанц“ во Торино.

Се вчитува...