Бутел го растури Металург, за крај на ракометната Супер-лига

Со вечерашниот натпревар меѓу Металург и Бутел, што заврши со убедлива победа на гостите од 23-31 и официјално беше означен крајот на ракометната Супер-лига. Поради коронавирусот сезонава дојде до промена во системот на натпреварување, 14 екипи беа поделени во две групи од по седум, а трите најдобри од секоја група продолжуваат во плејофот, додека останатите ќе разигруваат за опстанок во елитното друштво.

Металург и Бутел во пресрет на денешниот натпревар ги имаа обезбедено првите две места во групата, па дуелот немаше преголемо резултатско значење. „Металурзите“ и на овој меч настапија без странските ракометари, Бутел исто така одмори дел од првотимците, но на теренот многу подобро се снајдоа „бутелци“. Мечот беше израмнет само во првите десетина минути (6-6), за потоа Бутел да заигра многу подобро од домашните ракометари и на одмор да замине со убедливи 12-17. Гостите потоа го отворија и второто полувреме со три брзи гола, набрзина стигнаа до „плус осум“, по што умешно ја задржаа оваа предност се до конечните 23-31.

Марко Божиновски беше главен играч на овој натпревар со десет постигнати гола, четири постигна Митев, додека кај Металург пет ракометари постингаа по три погодоци, Додиќ, Шилегов, Кондев, Серафимов и Лазаревски.

Почетокот на ракометниот плејоф се очекува на крајот на месец февруари или почетокот на март, а во него ќе учествуваат Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Бутел, Еурофарм Пелистер 2, Охрид, Пролет и Струга.

Се вчитува...