Бутел се „коцкаше“ но во драматични последни 20 секунди сепак до триумф во Битола

Ракометарите на Бутел дојдоа и до третата победа во плејофот од Суперлигата на Македонија триумфирајќи со 24-25 на гостувањето против Еурофарм Пелистер 2 во Битола.

По крајно израмнето прво полувреме кое заврши без предност за ниту една од екипите, 11-11, клучните моменти од мечот беа во второто полувреме.

Бутел со подобра игра од стартот на вториот дел почна со континурана предност која на пет минути до крајот изнесуваше и 20-24. Но, гостите дозволија сериозна деконцентрација во последните пет минути па ракометарите на Еурофарм Пелистер на 20 секунди пред крајот дојдоа и до 24-24. Сепак, во последниот напад Бутел со шут од 10 метри и помалку среќен погодок на пет секунди до сирената успеа да дојде до посакуваната победа од 24-25.

Бутел сега се израмни на петтата позиција со Охрид со по три победи, наспроти и шест порази. Еурофарм Пелистер 2 остана на седмото место со две победи и седум порази.

Се вчитува...