Чаланоглу е „џокерот“ на Милан – Торино „падна“, на ред е Јуве

Милан по огромна битка успеа да се пласира во полуфиналето од Купот на Италија, откако по продолженија го скрши отпорот на Торино и триумфираше со 4-2. „Торинезите“ имаат за што да жалат бидејќи до 91. минута имаа водство од 1-2, но на крајот им пресуди Чаланоглу. Поранешниот фудбалер на Баер Леверкузен влезе во игра во 84. минута на местото на Круниќ и се покажа како „џокер“ на Пиоли, постигнувајќи го голот за израмнување, а потоа и голот за водство на самиот почеток од второто продолжение.

Избраниците на Пиоли тргнаа офанзивно и набрзина создадоа неколку шанси, па во 12. минута и заслужено поведоа преку Бонавентура, на асистенција на Ребиќ. Милан продолжи со напаѓачка игра во обид да стигне и до втор гол, но казната стигна на спротивната страна откако Бремер ја затресе мрежата на домаќините. Ребиќ постигна гол за 2-1 во првото полувреме, но судијата го поништи поради офсајд.

Пиоли во 65. минута го уфрли во игра и Ибрахимовиќ во обид да стигне до победа, но Торино повторно најде начин да постигне гол, и повторно Бремер беше играчот што го совлада Донарума. Кога се чинеше дека мечот ќе заврши со победа на гостите, Чаланоглу во 90. минута испрати бомба од работ на шеснаесетникот, што заврши во мрежата на Торино, за огромна радост на домашните фанови на „Сан Сиро“. „Росонерите“ имаа извонредна шанса и без продолженија да го решат победникот, но Ибрахимовиќ од три-четири метри биеше над гредата во ситуација кога се најде пред празната мрежа по додавањето на Леао.

Гостинскиот голман Сиригу имаше три одлични интервенции во првото продолжение, но и тој беше немоќен при обидот на Чаланоглу, кој со својот втор гол го трасираше патот  кон полуфиналето. Торино беше на колена, а веднаш по Чаланоглу меѓу стрелците се запиша и Златан Ибрахимовиќ, за точка на тешката победа и закажување на полуфинална пресметка со Јувентус.

Се вчитува...