Чави Пасквал: Нa фајналфор турнирите решаваат голманите

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал, со нетрпение го очекува следниот предизвик за својот тим – фајналфор турнирот во Келн на кој каталонскиот гигант за противник во полуфиналето ќе го има Вардар. Стратегот на каталонците има максимално позитивно мислење за квалитетите на македонскиот првак, кој сигурно ќе биде достоен ривал на Барса во Келн.

Вардар има одличен тим, еден од најдобрите во Европа. Поседува врвни ракометари на сите позиции, играчи со богато искуство, дел од нив и со претходни настапи на фајналфор турнирите. Згора на тоа, за тренер го има Раул Гонзалес, кој одлично ја менува формацијата во одбраната од 6-0 во 5-1 во одбрана. Тие знаат да играат одлично во одбраната и сигурно ќе треба добро да се подготвиме. Како и да е, ние нема да го менуваме сопствениот стил на игра, бидејќи она на што инсистиравме цела сезона досега ни носеше резултат. Дуелот со Вардар е како финале за нас, така што воопшто не размислуваме за ништо друго освен за македонскиот тим“ – истакна Пасквал.

Тренерот на Барселона е реален во анализата дека најмногу работи на овој фајналфор турнир ќе зависат од формата на голманите. Пасквал има високо мислење за Арпад Штербик, со кого имаше беспрекорна соработка во каталонскиот гигант.

На фајналфор турнирите најчесто голманите решаваат кој тим ќе се закити со титулата. Затоа и притисокот врз нив е огромен, но јас имам голема доверба во моите чувари на мрежата, кои се покажаа во одлично ветло во текот на целата сезона. На спротивната страна го имаме Арпад Штербик, искрено се надевам дека ќе брани добро, но дека на крајот ќе загуби“ – порача Чави Пасквал.

Се вчитува...