Челси избра двајца кандидати за наследник на Сари

Ремито со Вулверхемптон и поразот од Евертон го вратија притисокот врз Маурицио Сари, кој речиси сигурно нема да го дочека крајот на сезоната на клупата на Челси. Последните информации од „островот“ велат дека Сари би можел да си замиине веќе во текот на репрезентативната пауза, но „сините“ се соочуват со проблем да најдат наследник на помалку од два месеци до крајот на сезоната.

Роман Абрамович избрал двајца главни кандидати со кои клупските директори ќе разговараат во најскоро време, и тоа Нуњо Еспирито Санто и Френк Лампард. Португалецот Санто наметна допадлив стил на игра во Вулверхемптон, но тешко е да се поверува дека тој ќе си замине од клуб каде има тотална контрола во Челси, клуб познат по најчесто менување на тренери од сите англиски гиганти. Згора на тоа, Санто не би можел да купува нови фудбалери поради забраната од ФИФА, што уште повеќе го зголемува ризикот тој да добие отказ среде сезона во Челси.

Лампард е емотивно поврзан со лондонскиот клуб од своите настапи како играч во синиот дрес. Тој пред неколку месеци ја отфрли можноста за враќање најавувајќи дека е посветен само на Дерби, но поранешниот англиски репрезентативец би можел да се пресели на клупата на Челси на крајот од сезонава.

Најреално е Абрамович за следните неколку месеци да се сврти кон Стив Холанд, кој во 2015 година еднаш веќе им помогна на „сините“ во слична ситуација. Холанд, кој во моментов е дел од стручниот штаб на Герет Саутгејт во англиската репрезентација, би се согласил на потпис со Челси до крајот на сезонава, за потоа да се обиде да обезбеди место во ЛШ. Во меѓувреме клупските директори би ја интензивирале потрагата по перманентен менаџер што би почнал со работа од 1 јули, со Санто и Лампард како главни фаворити за функцијата.

Се вчитува...