Червар го отпиша Металург, потпишува за Загреб

Лино Червар дефинитивно нема да се врати назад во Металург и својата кариера ќе ја продолжи како шеф на стручниот штаб на Загреб. Поранешниот селектор на Македонија долго време флертува со „металурзите“ и ги држи во неизвесност, чекајќи евентуално зголемување на буџетот за овој клуб повторно да стане интересна опција за него.

Сепак, директорот на Загреб, Божидар Јовиќ, по освојувањето на титулата во Хрватска обелодени дека е постигнат целосен договор за Червар да го наследи Златан Сарачевиќ на клупата на оваа екипа.

„Нов тренер ќе биде Лино Червар. Имаме целосен договор, што само писмено ќе го верификуваме штом завршат средбите против Црна Гора од баражот за СП 2019. Донесовме нови млади играчи, а единствена непознаница е Халил Јагањац. Тој сака да игра кај нас, но мора да се почитува и Металург, се уште чекаме“ – изјави Јовиќ за весникот „Вечерњи лист“.

Металург летово го напуштија Жарко Пешевски и Вања Илиќ, засега е договорено враќањето на поранешните млади играчи на овој клуб, Јагуриновски и Маџовски, а управата на клубот не крие дека е во потрага по нов голман, како и пивот кој би го заменил Пешевски.

Се вчитува...