Червар: Капа долу за играчите, но нема место за еуфорија

mec baner

Лино Червар дебитираше со победа на светските шампионати како селектор на Македонија, па хрватскиот стратег со право беше презадоволен на прес-конференцијата по мечот со Тунис.

Честитки до Тунис за фер-натпреварот и прикажаната игра. Пред мечот знаев дека ќе биде многу тежок натпревар, тоа се оствари. Презадоволен сум од своите ракометари, искрено го говорам ова. Игравме како тим, сите за еден и затоа сум им благодарен. Во првото полувреме игравме добро, на стартот од вториот дел дојде до пад во концентрацијата, па ниту во нападот немавме доволно решенија. Сепак, севкуно гледано нашиот напад „седум на шест“ беше одличен. Во вториот дел ја сменивме одбраната во 6-0, игравме интелигентно и ја исполнивме целта што ја имавме пред себе. Ќе беше вистинска штета ако не победевме, по сето она што го одработевме на тренинзите во последните дваесетина дена, кога играчите гинеа, дишеа како еден и таквиот пристап ни донесе триумф денеска“ – изјави Червар.

Хрватот со инсистирањето на нападот „седум на шест“ тактички го изненади својот противник на спротивната страна, но тој остана скромен во коментарите комплиментите упатувајќи ги кон ракометарите.

Ракометарите се хероите, капата долу за нив, поради начинот на кој го одиграа целиот натпревар. Јас секогаш им велам да веруваат во себе, дека можат да бидат подобри отколку што мислат дека се, мило ми е што го прифатија тоа и самите се убедија. Победата е голема и многу слатка, но не смееме прерано да славиме, не смее да има еуфорија бидејќи има уште многу да се игра на овој шампионат“ – истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...