Со Лино Червар никогаш не е здодевно, па така легендарниот хрватски стратег ја разочара ракометната јавност во татковината откако за најдобар ракометар н а сите времиња го избра – нашиот Кире Лазаров.
Хрватите се разочарани што актуелниот македонски селектор е избран пред нивната легенда Ивано Балиќ, но за Червар нема дилема – Кире Лазаров е „најголемиот“.
„За мене Кире Лазарв е најдобриот ракометар на сите времиња“, порача Червар, потоа образложувајќи го ваквиот свој избор…
Првата средба меѓу Лино и Кире е во летото 2000 година, кога Лазаров експресно го импресионирал легендарниот тренер.
„Воспитувањето на еден млад човек и спортист е она што прво го забележав при мојата прва средба со Лазаров во 2000 година. И мојата сопруга Барбара се сложи со мене, кога го однесовме младиот Македонец на пијалок во кафуле блиску до „Домот на спортовите“ во Загреб. Знаеше да изгради здрава и искрена комуникација, што е всушност култура, нешто што го нема секој во денешниот свет. Кире Лазаров поседуваше и харизма, не само спортски талент. Во него препознав нешто многу повеќе од обичен играч, се виде дека е посебен лик решен да стане врвен спортист, имаше работна етика, остануваше после тренинг за да работиме на одредени детали…“, вели Червар.
Лино потпиша договор за нов тренер на Е. Пелистер, а една од првите честитки пристигна токму од Лазаров, кој враќањето на Червар го оцени како многу позитивно за македонскиот ракомет.

Хрватот возврати на идентичен начин, со низа нови комплименти на адреса на македонската ракометна легенда.
„Секогаш ме воодушевуваше тој негов позитивен став кон животот и спортот. Израснат на „бетонот“ во своето Свети Никола, со својата кариера покажа дека животот почнува тогаш кога ќе излезеш од својата зона на комфор, тоа е единствениот пат кон успехот. Постојат многу големи спортски таленти кои не успеаја, но на Кире ништо не му беше тешко. Лазаров е мудар човек кој не кажува се што мисли, но кој мисли се што ќе каже, тоа е голема работа. Поседува огромен карактер способен за носење на големи и исправни одлуки на теренот и надвор од него. Ја гледам сликата на Кире Лазаров како најдобар ракометар на сите времиња, ако во предвид се земе критериум на играч како комплетна личност, вредност што трае над 40 години, и тоа секогаш на врвно ниво. Тоа н му успеало на ниту еден друг во историјата“, полн е со комплименти Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
