Червар: Не ме прашувајте повеќе за Металург

Зоран Гобац при потрагата за нов селектор на Хрватска јасно стави до знаење дека на новиот кормилар нема да му биде дозволено да „седи на две столчиња“, поточно да има и клупски ангажман. Токму затоа, за Хрватите е изненадување што Гобац го толерира Лино Червар, па Хрватот веќе ги стартуваше и подготовките за новата сезона со Металург.

Хрватските новинари „копаат“ на оваа тема, на која повеќе информации сигурно нема да добијат од самиот Червар.

„Решавам некои работи, па затоа сум се уште во Металург. Не оди се преку ноќ, набрзина. Наскоро се ќе биде решено. Не ме прашувајте повеќе за Металург бидејќи немам друг коментар“ – изјави Лино за „Вечерњи лист“.

Во истото интервју Червар проговори и за случувањата во Вардар со најавата на газдата Сергеј Самсоненко за повлекување од актуелниот европски првак.

За Самсоненко можам да кажам само најдобро, направи две сали и хотел и тоа сигурно нема да го однесе во Русија. Сето тоа ќе остане во Скопје, но јас сум противник на проектите кои кратко траат. Сетете се на ракометниот клуб Копенхаген или на ветерполо клубот Приморје, кои се распаднаа штом заминаа големите финансиери. Кај мене секогаш е поважен начинот на работа отколку вртоглавиот раст на некој клуб поради поединец што во даден момент има пари, а потоа веќе го нема“ – вели тренерот на Металург.

Се погласни се коментарите дека Червар инсистира што подолго да остане на чело на „металурзите“, а потоа кога веќе ќе стане неопходно привремено да го отстапи местото шеф на стручниот штаб на еден од своите соработници. Целта е јасна – стравот од неуспех на претстојното ЕП (за Хрватска секој резултат освен златен медал би бил неуспех) што би значел и негова автоматска смена.

Така, Червар од две би останал без ниту едно „столче“, па јасно е зошто хрватскиот стручњак оди на посигурната варијанта, да си го осигура престојот во Металург, нешто што сигурно ќе беше многу потешко ако тој летово дефинитивно заминеше, а се земеше нов тренер што од почеток ќе почнеше да ја крои клупската политика.

Се вчитува...