Чешка на крилјата на Шик до триумф над Шкотска (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Чешка денес успеа да дојде до голема победа над домаќинот Шкотска, па со вкупен резултат од 2-0 обезбедија три „златни“ бода кои ја сместија оваа селекција на врвот од групата Д.

Големата „борба“ ја добија Чесите, имајќи предвид дека овој натпревар можеби беше и клучен, ако се знае фактот дека се наоѓаат во група со фаворизираните репрезентации на Хрватска и Англија.

Во првото полувреме се играше тврд натпревар, Чесите беа нешто по затворени, а фудбалерите на Шкотска ја имаа иницијативата, но без сериозни шанси. Сепак, кога се мислише дека на полувреме ќе се замине без голови, на сцена се појави Патрик Шик, кој по еден одличен центаршут беше прецизен со глава и донесе предност од 1-0. Ова беше 12-ти погодок за овој играч за репрезентацијата на Чешка.

Второто полувреме донесе вистинска фудбалска убавина, шанси, акции и спектакуларен гол. Репрезентативецот на Чешка, Патрик Шик покажа вистинско мајсторство, тој во 52. минута успеа да упати лоб-шут од центарот на теренот и по вторпат го совлада голманот на Шкотска, па донесе водство од големи 2-0. Чешкиот напаѓач дефинитивно го постигна еден од најубавите голови на Европските шампионати. До крајот на мечот фудбалерите на Шкотска се обидуваа да ја анулираат оваа негатива, но на жалост на нивните фанови не успеаја во оваа мисија, па оваа „битка“ припадна на Чесите.

Инаку, дуелот во Глазгов беше особено важен за Шкотланѓаните бидејќи ова беше тимот кој го одигра првиот натпревар на ова големо натпреварување по 23 години. Последен пат Шкотланѓаните беа на Светското првенство во 1998 година во Франција, додека отсуствуваа на Европското првенство од 1996 година.

 

 

 

 

Се вчитува...