Чесите заспаа во финишот, Волф донесе победа на Германија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Германија ја стартуваше втората фаза од ЕП 2018 со победа над Чешка (22-19), во првиот натпревар од групата 2 во Вараждин. Актуелните европски шампиони долго време се мачеа против незгодниот ривал, за на крајот да пресуди цврстата одбрана и влегувањето на голманот Волф кој донесе пресврт. Чесите останаа без постигнат погодок повеќе од десет минути во завршницата, овозможувајќи им на Германците да се радуваат на победата.

Германците делуваа подобро на стартот на натпреварот, но до пресврт дојде при резултат 7-5 за европските шампиони, кога Грецки промаши „зицер“ за зголемување на „плус три“. Таа интервенција ја зголеми самодовербата на чешкиот голман Мрвка, кој десет минути не прими гол, период во кој Чесите го свртеа резултатот во своја полза. Германците и во ситуација со ракометар повеќе не успеваа да влезат во посакуваниот ритам, па на одмор заминаа со еден гол негатива (9-10) само поради одличното издание на нивниот голман Хајневетер, кој во првите 30 минути бранеше со 47% успешност.

Второто полувреме донесе и многу пресврти, Чесите пропуштија три шанси за „плус три“, за потоа Германија да се врати и да поведе со 15-14, па и да промаши напад со кој можеше да дојде до два гола предност. Чешка набрзина поведе со 16-18, a Прокоп на резултат 17-18 во игра го внесе голманот Волф, но што е уште поважно Германците заиграа далеку поцврсто во одбраната, затворајќи ги приодите кон сопствениот гол. Воедно, европските шампиони заиграа „седум на шест“ во нападот, па поведоа и со 19-18. Волф му одбрани пенал на Здрахала при овој резултат, Чешка ја мина и границата од десет минути без постигнат гол, а Германија го искористи тоа и на крајот триумфираше со 22-19.

Штефан Фет со осум гола беше најефикасен кај победничката селекција, пред Генсхајмер со три погодоци, додека прв стрелец на Чешка беше крилото Чип со шест постигнати гола.

Се вчитува...