Хорнер: На Мерцедес и на Волф им е многу полесно без мене во Формула 1

Поранешниот шеф на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, изјави дека животот во Формула 1 станал полесен за Мерцедес и нивниот шеф на тимот, Тото Волф, откако тој повеќе не е дел од Ф1.

Хорнер и Волф беа големи ривали во текот на изминатата деценија, а нивното ривалство го достигна врвот во контроверзната сезона во 2021 година, кога Макс Верстапен ја освои титулата по контроверзната одлука на стјуардите на последната трка, со што беше ставен крај на серијата од седум титули возачите на Мерцедес.

Потоа, Ред Бул ја освои титулата во конкуренција на конструктори во 2022 година, додека Мерцедес влезе во резултатска криза. Тоа доведе до дополнителни вербални препукувања меѓу Волф и Хорнер, сè додека Хорнер не беше отпуштен во јули минатата година.

Годинава, Мерцедес е на добар пат да ги освои двете титули оваа сезона, а Кими Антонели би можел да стане најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1 уште овој викенд, на Големата награда на САД во Остин.

„На спортот му се потребни ривалства. Тото и јас имавме одлични дуели низ годините. Никогаш немаше никаква злоба во тоа, сè беше во духот на спортот. Работите за него се малку полесни во моментов – веројатно му е подобро без мене. Тие завршија фантастична работа оваа година. Веројатно ќе ја обезбедат титулата овој или следниот викенд, па во моментов сè изгледа прилично едноставно за нив“, вели Хорнер.

Тој беше отпуштен од Ред Бул во јули минатата година по период на слаби резултати и внатрешни конфликти, а минатиот септември постигна спогодба за раскинување на договорот за 60 милиони евра.

Пред тоа, вработена во тимот го обвини за сексуално вознемирување, обвинување што тој го негираше, а Ред Бул подоцна го ослободи од обвиненијата по спроведувањето на две одделни истраги.

Се вчитува...