Кошаркарите на ТФТ доживеаја висок пораз од 106:51 од Слобода на стартот од АБА2 лигата, а изненадувачки покрај убедливиот пораз беше и тоа што македонскиот тим играше само со шестмина кошаркари.
По натпреварот, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, изјави дека е разочаран од односот на АБА кон нивниот тим и откри зошто мораше да игра само со шестмина кошаркари, додека Американците во тимот натпреварот го следеа од трибините.
„Девет години сум тренер на ТФТ, долго време учествуваме во АБА, многу ни е дадено, ама и ние многу дадовме и никогаш не сме направиле проблем. Она што се случи денеска е многу чудно. Постои платформа на АБА на која се регистрираат играчите, а ние имаме доказ дека сите играчи кои се дојдени тука се регистрирани. Лесно е да се провери на официјалниот сајт на АБА лигата. Правилата на АБА велат дека право за регистрација на играчите има до ден пред натпреварот, а ние го направивме тоа во саботата.
На денешниот натпревар, делегатот извади едно ливче кој го добил од АБА и на кое не беа нашите Американци. За моите стандарди, нонсенс објаснување дека овој натпревар е одложен и дека требала да се игра на 14 октомври што не е точно. Знаете што се случуваше претходниот период, нашата група беше со пет екипи, сега е со четири и добивме некој нов распоред. Упатствата од нашиот клуб беа да не излеземе на терен, но поради публиката, поради Слобода Тузла , а најмногу поради тоа што играчите што не добија дозвола за настап побараа, сепак да се игра.
Она што можам да кажам е дека веќе подготвуваме некои правни рамки за оваа одлука, но најмногу не боли тоа што немаше елементарен респект кон нас. Најголема победа за нас денеска е тоа што ниеден играч не се повреди. Можам да ви покажам докази дека ние не сме добиле никакво соопштение дека некој нема право на настап. Поминавме 700 километри и се чувствуваме навредено“, рече Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
