НБА Европа тргнува од 2027, ќе има трипати повеќе пари од Евролигата

Заменик комесарот на НБА-лигата, Марк Тејтум, потврди дека НБА Европа ќе стартува од октомври 2027 година, со или без договор со Евролигата. Преговорите меѓу НБА и Евролигата се во тек, евролигашите го одбија првиот предлог, а во меѓувреме го претставија планот со кој планираат во наредните 10 години да генерираат 3.4 милијарди евра.

На денешната виртуелна прес-конференција, Тејтум, изјави дека плановите за НБА Европа не се променети и дека стартот на новото натпреварување е закажано за октомври идната година.

„Нашата цел останува за НБА Европа останува октомври 2027 година и десетгодишниот план на Евролигата не ги менува нашите планови. Планираме да започнеме со реализацијата на проектот во наредните 12 месеци и веруваме дека тоа е реален рок. Можам да кажам дека нашиот модел на клубовите ќе им понуди многу побрз пат до профитабилност. Прочитав некои извештаи за екипите од Евролигата кои денеска не се финансиски стабилни, а според нашите проекции, тимот кој ќе игра во нашата лига просечно до својата трета година ќе стане профитабилен“, вели Тејтум.

Заменик комесарот на НБА-лигата верува дека екипите кои ќе бидат дел од нивното натпреварување ќе заработат трипати повеќе од евролигашите.

„Ги видов бројките кои Евролигата планира да ги вложи, но нашите проекции покажуваат дека трипати повеќе ќе имаме пари од нив. Проекциите се дека ќе имаме милијарди, до десетина милијарди долари кои имаме намера да им ги вратиме на клубовите и да ги направиме финансиски стабилни.

Тејтум не сака да даде точен датум кога ќе бидат познати имињата на првите екипи кои ќе станат дел од НБА Европа, но според нивните замисли, предвидено е да учествуваат 16 екипи, од кои 12 би имале постојано место, а останатите четири преку квалификации ќе обезбедат пласман во европското натпреварување на НБА.
НБА-лигата сака екипи да има од 12 градови, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Лондон, Мначестер, Париз, Лион, Берлин, Минхен, Атина и Истанбул.

Се вчитува...