Олимпијакос в петок му гостува на Фенербахче во големото дерби на колото од Евролигата, дуел за кој актуелниот европски првак има сериозни проблеми.
Како што информира грчкиот „Спорт 24“, Еван Фурние има незгодна повреда поради која овој кошаркар ќе мора да отсуствува од терените. Станува збор за проблеми и со рамото и со коленото, па лекарите препорачале мирување од најмалку 20 дена за извонредниот француски поентер.
Згора на тоа, Жан Монтеро исто така се пожалил на повреда, екс-кошаркарот на Валенсија не тренирал во текот на денешниот ден и неговиот настап против Фенербахче е сериозно доведен во прашање.
Тренерот Барцокас се уште го изолира од првиот тим Тајлер Дорси, поентерот кој беше отстранет од екипата по критиките поради малата минутажа, поради што воопшто не беше во составот на последниот евролигашки дуел со Барселона.
Олимпијакос моментно е на делба на првото место на табелата заедно со Фенербахче и со Панатинаикос, со идентичен скор од 5-1 по првите шест рунди во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
