Трет пораз за МЗТ Скопје во Еврокупот, овој пат од првиот тим на Дирк Новицки

Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеа и третиот пораз во третиот натпревар во ФИБА Еврокупот. Македонскиот шампион е поразен од германскиот Вирцбург со 87:73 и остана единствена екипа во групата Е која е без триумф.

Воведната четвртина помина во израмнета игра и тоа го покажува и резултатот (21:21) иако МЗТ имаше предност од пет поени (16:21). Во последните 80-тина секунди од четвртината, Вирцург со серија 5:0 го израмни резултатот.

Во втората четвртина, германскиот тим во кој првите кошаркарски чекори ги направи легендарниот Дирк Новицки, со серија од 6:1 во последната минута си обезбеди предност од шест поени на паузата (49:43).

Во третата четвртина, Вирцбург за првпат дојде до двоцифрена предност по слободните фрлања на Марвин Огунсипе (69:58) и предноста не ја испушти до крајот.

Последната четвртина започна со серија од 6:0 на германскиот тим за водство од 75:58 по што беа решени дилемите околу победникот. На крајот Вирцбург славеше со 87:73 за трет пораз за МЗТ Скопје во третото коло во Еврокупот.

Ноа Али Фаракан со 14 беше најдобар кај МЗТ Скопје, Андреј Маслинко даде 12 и имаше седум скока, а Тадија Тадиќ даде 10 поени. Кај Вирцбург, Еди Колберт беше најефикасен со 19 постигнати поени.

Се вчитува...