Четири екипи сонуваат за Европа… Работнички – Шкупи во директна пресметка за европски излез!

Срамната ситуација во која Вардар си се доведе без лиценца за настап во Европа следната сезона, отвори можност за уште две домашни екипи пред последното коло од Првата македонска фудбалска лига да се надеваат на европски излез.

Сигурно е дека Шкендија ќе не претставува во квалификациите за ЛШ, а Академија Пандев во Лигата на Европа, а по „елиминацијата“ на Вардар сега Работнички, Шкупи, Ренова и Македонија ЃП се четири екипи кои пред денешното 36. коло од шампионатот се надеваат на последните две позиции за Европа.

Во директна пресметка на арената „Тодор Проевски“ за европска виза ќе одлучуваат Работнички и Шкупи. На „романтичарите“ им е неопходен само бод за да ја осигураат Европа, додека Шкупи за да биде комплетно сигурен мора да победи. Во спротивно чаирчани ќе чекаат порази на Ренова од Шкендија и Македонија ЃП од Победа.

„Не очекува вистинско ’финале’, многу важен натпревар против Шкупи. Влогот е излез во Европа, а противникот исто така се надева дека ќе успее да ја оствари целта. Ќе биде тешко, неизвесно, го знаеме тоа. Го респектираме и противникот, но подготвени сме за голема борба. Ќе играме на домашен терен и ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат, кој ќе не одведе во Лигата на Европа. Во еден момент помисливме дека шансите се загубени, сега повторно имаме се во свои раце, и треба тоа да го искористиме. Свесни сме за тоа и веруваме во успех“ – вели Баже Илијоски пред дуелот со Шкупи.

Македонија ЃП е во најдобра позиција затоа што со триумф над Победа ќе има 47 бода и сигурно ќе биде една од две екипи со европски излез, бидејќи и во случај на ист број бодови со Ренова има подобар меѓусебен скор од пресметките со „гипсарите“.

ПРВА ЛИГА – 36. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)

Тетово: РЕНОВА – ШКЕНДИЈА

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

Кочани: ПОБЕДА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Струмица: АК. ПАНДЕВ – ВАРДАР

Кратово: СИЛЕКС – БЕЛАСИЦА

Се вчитува...