Четири македонски екипи во Европа, „пелистерци“ повторно ќе аплицираат за вајлд-карта за ЛШ

Спуштена е завесата во ракометниот шампионат на Македонија, со идентичен епилог како и ланското првенство – Е. Пелистер стигна до шампионската титула, а пласман во европските купови обезбедија и Вардар, Алкалоид и Охрид.

Македонија има четири места во европските купови според рејтингот што го имаме во ЕХФ, нашиот првак повторно е без автоматско учество во ЛШ, но јасна е желбата на Е. Пелистер и трета година да го претставува мак-ракометот во елитното европско натпреварување. Битолчани со шампионската титула имаат автоматски пласман во Лигата на Европа, но нема сомнеж дека ќе бараат „апгрејд“ во вајлд-карта за учество во Лигата на Шампионите.

Вардар ќе чека позитивен расплет за битолчани, бидејќи ако „пелистерци“ стигнат до билет за ЛШ, тоа ќе значи и автоматско учество на „вардарци“ во групната фаза од Лигата на Европа.

Алкалоид како актуелен шампион на ЕХФ Европскиот куп ќе може да ја брани титулата во ова натпреварување, или пак да игра во Лигата на Европа. Тимот на Кире Лазаров би играл едно квалификациско коло во Лигата на Европа, и тоа како носител при ждрепката, статус што лани го имаше исландски Валур како првак на ЕХФ Европскиот куп, елиминирајќи ја хрватска Спачва и пласирајќи се во групната фаза од ова натпреварување.

Четвртото место на табелата му донесе нова европска авантура и на Охрид, па проектот со новиот тренер Ројевиќ ќе се натпреварува во ЕХФ Европскиот куп.

Се вчитува...