Четворица Македонци како на ’домашен терен’: Романското искуство од голема полза

ЕКИПА во Клуж,

Билјана Б.Петрушева

Четворица македонски репрезентативци од избраните 17 што допатуваа во Клуж за реванш натпреварот со Романија во баражот за СП, овде се на „домашен терен“. Никола Митревски и Велко Марковски се дел од македонската колонија во Констанца, Гоце Георгиевски настапува за ЧСМ Букурешт, а Златко Даскаловски до крајот на сезоната го носеше дресот на Темишвар. Со романско искуство во клупската кариера се и Филип Лазаров (пред една сезона играше за Темишвар) како и Стојанче Стоилов (беше дел од Одорхеи). За сите нив добро е познат овој терен и можностите на романската репрезентација.

Знаеме дека Романија може да одигра многу подобро од она што го прикажа на првиот меч во Скопје, мора да бидеме подготвени на се. Не знам дали Чави Пасквал за три дена би можел нешто да смени, можеби нешто во одбраната, нова формација. Но, горе-долу знаеме кој што игра. На нас останува да ја одиграме нашата игра и она што е договорено да го спроведеме на терен. Треба да го заборавиме првиот меч во скопје и тие осум гола разлика, сега не чека нова борба“ – истакнува Гоце Георгиевски.

Дека Романија нема да се предаде лесно и покрај големата негатива што ја има од првиот меч во Скопје (32-24) потенцира и Филип Лазаров.

„Романија ќе стори се што е во нејзина моќ и ќе се обиде да ја достигне разликата од првиот дуел. Тие вложуваат многу во ракометот, лигата им е добра, плаќаат странец селектор што значи дека не им е сеедно. Очекуваа подобар резултат во Скопје, но ние покажавме дека сме поквалитетни, направивме солидна предност која треба да ја задржиме и во реваншот“ – потенцира Филип Лазаров.

Денешниот реванш-натпревар од баражот за СП, се игра во салата „Хорea Демијан“ вo Клуж со почеток во 17.30 часот по македонско време.

Се вчитува...