Чичко Дончо до селекторот Ангеловски: Игоре ти ги сплоти сите, браво синко (ВИДЕО)

Македонскиот селектор Игор Ангеловски имаше повеќе од интересно интервју за австралиското Ес-би-ес радио, во кое беше вклучен и првиот македонски селектор Андон Дончевски.

Чичко Дончо не ги криеше пофалните зборови за Ангеловски нагласувајќи дека заедно со репрезентативците постигнале историски успех кој долго ќе се памети.

„Браво Игоре. Не израдува сите бе синко. Ти знаеш, јас постојано те храбрев, и на крајот успеа. Ги сплоти сите, маправи силна репрезентација. Верував во тебе од самиот почеток, овој историски успех ќе биде одбележан со златни букви. Не надмина сите нас, зошто ја сплоти екипата. Сите играа како еден а најголема заслуга имаш ти Игоре. Бев за тоа Пандев да го вратиш во репрезентацијата. Твојата умешност дојде до израз. Толку паметно ја водеше репрезентацијата, ја водеше како искусен тренер, како да си Мурињо. Сакам да кажам дека залсужуваат честитки и претседателот Мети Сејдини и Филип Поповски, за тоа што те поддржаа. Големи поздрави и честитки за сите вас“ – истакна полн емоции Дончо Национале, на што возврати и селекторот Ангеловски.

„Благодарам на убавите зборови. Сакам да се заблагодарам. Чичко Дончо пред секој меч знаеше да ми се јави или да ми прати порака.Да кажам дека од првиот ден ако од некого имав поддршка тоа беше од него. И кога од таков човек ќе имате поддршка ве мотивира да успеете и да го исполните сонот на сите Македонци и во Македонија и во Австралија.  Се пееше химната на првиот меч во Крањ кога чичко Дончо беше селектор, сега ќе се пее во Букурешт на 13. јуни на ЕП. Поголема среќа за нас Македонците нема од тоа“ – истакна Ангеловски.

Се вчитува...