Чиро Блажевиќ за затворските денови: „Ги тренирав затворениците, ама не можев да бидам строг со толку убијци покрај мене!“

Нема кој не знае на Балканот за легендарниот хрватски стратег Чиро Блажевиќ… Но, реално, малку се зборува за деновите на Блажевиќ минати во затвор и обвиненијата дека местел натпревари.

Беше тоа во 1995 година кога Блажевиќ беше тренер на француски Нант. На аеродромот во Женева беше уапсен по обвинение дека бил еден од актерите на местенката „вредна“ 420.000 франци, мечот на Нант и Марсеј да заврши 0-0.

Во затвор популарниот Чиро мина 17 дена, на кои се потсетува не со некое големо задоволство. Но, вели дека кога човек знае дека е чист се може лесно да преброди…

„Лесно е да се биде во затвор ако совеста ти е чиста… Но, јас и таму си ја продолжив работата затоа што секој ден водев физички вежби за затворениците. Секако, не можев да бидам многу строг кога покрај себе имав  најголеми разбојници, убијци… Но, сите ме засакаа и ме слушаа. Правеа склекови кога и да им кажев. Преку таа гимнастика се зближивме и станав пријател со многу убијци“ – вели Блажевиќ, потсетувајќи се на своите затворски денови, и дополнува:

„Бев познат во затворот. Како тренер на Нант сите ме знаеја. Во затворот постојано ми дофрлуваа: ‘Не се давај Чиро, знаеме дека не си виновен’“.

Блажевиќ по 17 дена минати во затвор на крај бил ослободен затоа што не биле пронајдени докази дека тој директно е замешан во случајот со наместениот натпревар.

Се вчитува...