Чудна е оваа ситуација: Шкендија и Вардар без постигнат гол сезонава

Неочекуван е стартот на новата прволигашка сезона, која донесе „чудни“ резултати во првите две кола. Шкендија и Вардар по првите 180 минути игра немаат постигнато ниту еден погодок, нешто што се нема случено со години наназад, а што дефинитивно само по себе носи и стартен притисок врз тренерите Османи и Васоски. Ако ситуацијата не се подобри, се знае дека вината секогаш се бара кај „шефовите“ на стручниот штаб.

Кризата на Шкендија од европското фијаско се пресели и на домашната сцена. Главен проблем дефинитивно е нападот, поточно реализација на шансите што „црвено-црните“ од Тетово ги создаваат, но не успеваат да ги претворат во погодок. Два меча, два порази и ниту еден постигнат погодок – тоа е разочарувачки за тим што ги има Бесарт и Агим Ибраими, репрезентативец Радески, а од летово и Бразилецот Фелипе. Тренерот Османи никако не успева со шок-терапијата, го остави Бесарт Ибраими на клупата со Силекс, но ниту тоа не вроди со плод.

Без постигнат гол по две одиграни кола е и Вардар, но на скопските „црвено-црни“ алиби барем засега им е трансфер-забраната поради која се послаб состав во однос на претходната сезона. Васоски има тешка задача, да стигне до резултати достојни за реномето на најтрофејниот клуб со голем број млади фудбалери во тимот. Тоа му е засега „кредитот“, но во Вардар една работа е добро позната, кредитите брзо се трошат, а секогаш има некој што го „копа патот“ за да стигне до клупата на „црвено-црните“.

Се вчитува...