Чудни се патиштата фудбалски: Од Пивара Челарево до херој против Ливерпул – за само три години

Напаѓачот на Црвена Звезда, Милан Павков, метеорски се вивна во европската фудбалска орбита откако го потопи европскиот вицепрвак Ливерпул со два гола (2-0) во Лигата на шампионите. Сега е цел на големите европски клубови, а пред само три години играше во српскиот нисколигаш ЧСК Пивара Челарево.

Павков постигнал 18 гола во една сезона во Третата Српска лига, а потоа заминал во Војводина. Не успеал да се докаже, патот го одвел во Раднички Ниш, каде постигнал пет погодоци. Но, на еден од натпреварите присуствувал и Звездан Терзиќ, на кого „му фатил око“ Павков и за сума од 300.000 евра пристигнал во Црвена Звезда. Не се докажал во првото доаѓање, повторно заминал на ‘калење’ во Раднички Ниш и експлодирал со 23 гола.

Пристигна пред неполна година во зимскиот преоден рок, ја чекаше долго својата шанса во „црвено-белиот“ дрес и ја дочека токму во вистински момент против европскиот вицепрвак Ливерпул. Неговите голови и поразот на англискиот премиерлигаш во Белград се приказна што долго ќе се прераскажува, а Милан Павков е веќе влезен во бележниците на скаутите на големите европски клубови.

 

 

Се вчитува...