Чудо на деценијата: Ајакс ги понижи „кралевите“

По три европски титули во низа, Реал Мадрид вечерва не само што беше елиминиран, туку и целосно понижен од младиот состав на Ајакс. „Кралевите“ загубија на домашен терен со 1-4, прокоцкувајќи ја предноста од 1-2 од првиот натпревар во Амстердам, за допирање на дното во оваа разочарувачка сезона во која најтрофејниот европски и шпански клуб дефинитивно останува без ниту еден пехар.

Ајакс влезе во натпреварот свесен за непријатната традиција – ниту еден тим никогаш не се вратил во нокаут фазата од ЛШ откако првиот меч пред своите гледачи го загубил со 1-2. И тоа беше само мотив повеќе за Холанѓаните да го одиграат својот најдобар меч сезонава, да му одржат лекција на бранителот на трофејот и да го елиминираат од елитното европско натпреварување.

Реал имаше многу среќа на првиот меч во Амстердам, но таа не му беше наклонета вечерва. Во првото полувреме рамката од голот на Ајакс ја затресоа Варан и Бејл, а згора на тоа поради повреди мораа да бидат заменети Васкез и Винисиус. На спротивната страна маестрален беше Тадиќ, кој имаше две одлични асистенции во првото полувреме, до Зијеш и Нереш, за во вториот дел и самиот да постигне прекрасен погодок за 0-3.

Асенсио го најде патот до мрежата на Ајакс за само неколку минути надеж, кога сите бродови на Реал потонаа со голот на Шене, кој од скратен корнер директно го лобуваше Куртоа, за неверојатни 1-4 на овој незаборавен натпревар на „Сантијаго Бернабеу“.

По ова фијаско, тешко е да се поверува дека Флорентино Перез ќе го задржи Сантијаго Солари на клупата, по кошмарните резултати во последните петнаесетина дена што го оставија Реал веќе на почетокот од март без шанса за ниту еден трофеј сезонава.

Се вчитува...