Чудо од дете: Роден без лева дланка игра ракомет и сонува да биде како Чупиќ и Дибиров

Мајкл Џордан своевремено ја има дадено легендарната изјава: Никогаш не вели никогаш, бидејќи границите, како и стравовите, најчесто се само илузија. Ова не се само обични зборови, туку извор за инспирација за многу луѓе, кои ги надминуваат сите пречки поставени пред нив што делуваат неминливо. Еден од нив сигурно е и младиот Рамиро Милано, кој е роден без лева дланка, но веќе неколку години со голем успех игра ракомет.

Интересно, младиот Аргентинец уште од најрано детство бил решен да успее во спортот, па на 12-годишна возраст истовремено тренирал и фудбал и ракомет. Притоа, како голем фудбалски талент тој бил забележан од скаутите на Барселона, кои го довеле во академијата на каталонскиот гигант во Буенос Аирес.

„Ги сакав и двата спорта, фудбал играв од четиригодишна возраст. Сепак, кога требаше да изберам, изборот беше лесен. Еден викенд имав натпревари и во ракомет и во фудбал, ракометниот го загубив и сепак се чувствував среќен, а на фудбалскиот дадов гол и победивме, но сепак на крајот се чувствував разочарано. Така и падна одлуката – да се фокусирам само на ракометот“ – се присетува Милано Рамиро.

Ракометот е семеен спорт за младиот Рамиро, чиј татко Гилјерме моментно е прв асистент на Маноло Кадењас во аргентинската репрезентација.

„Уживав гледајќи го како игра фудбал, дури и јас самиот бев шокиран кога еден ден дојде и ни кажа дека отсега сака да игра само ракомет. Тој им докажа на сите дека може да се развие во комплетен спортист, дека ништо не е невозможно, а за мене како татко тоа носи само бескрајна гордост“ – истакнува Гилјерме Рамиро.

„Да се почне во спорт во кој што има огромен стартен недостаток во однос на отанатите, да се најде начин да се надмине сето тоа и да се почне спортска кариера, зошто да не и на највисоко ниво, тоа е она на што сум бескрајно горд“ – додава таткото на 18-годишинот Милано Рамиро.

Во 2018 година тој беше повикан на подготовки со младинската репрезентација на Аргентина, а откако не се најде на финалниот список младиот Милано се реши на нов храбар чекор – преселба во Европа. Тој пристигна во Валенсија, каде одлично се вклопи во тимот на Мислата, настапувајќи за младинската екипа.

„Ја знаев приказната за Рамиро, ја следевме неговата кариера веќе неколку години и имав разговарано со татко му, ако некогаш реши да дојде во Европа тоа да биде во нашиот клуб. Сторивме се за да го доведеме и горди сме што тој ги брани боите на Мислата. Во прв момент сите му се воодушевувавме, бевме изненадени како може момче без една дланка да тренира и работи рамо до рамо со сите останати. Сега веќе не го ни забележуваме тој момент, Милано е еден од нас“ – изјавува претседателот на клубот од Валенија, Мауро Лонгарини.

Патот што младиот Рамиро Милано го има минато досега е доволна причина за воодушевување, но тој не застанува – сонот пред него е да стане професионален ракометар.

„Играм лево крило, најдобри двајца на оваа позиција за мене се Уве Генсхајмер и Тимур Дибиров. Му се воодушевувам и на Иван Чупиќ, кој имаше поразлична ситуација од мојата, но со напорна работа остана врвен ракометар иако остана без еден прст. Мојата верба останува, со напорна работа и жртвување да си го исполнам сонот и да заиграм на највисоко ниво“ – со насмевка коментира младиот Рамиро.

И зошто да не, оваа убава приказна да има хепиенд… бидејќи како што почна овој текст: „Никогаш не вели никогаш, затоа што границите, како и стравовите, често се само илузија“.

Се вчитува...