Јувентус се надеваше на ангажман на новото италијанско чудо од дете, 16-годишниот Пјетро Пелегри, но ситуацијата се искомпликува за „старата дама“ откако во трката по овој фудбалер се вклучи и Монако. Имено, „кнезовите“ ги интензивираа преговорите со Џенова и начелно ги договорија сите детали, па и самиот фудбалер прифатил преселба во Монте Карло за чекор напред во својата кариера.
Само за потсетување, 16-годишниот Пелегри се истакна со неколку одлични настапи за сениорскиот тим на Џенова, откако на првите осум средби во својата професионална кариера успеа три пати да се запише меѓу стрелците. Со тоа младиот голгетер го привлече вниманието на неколку клубови ширум Европа, се шпекулираше дека Јувентус ја завршил работата со понуда од 20 милиони евра (десет при трансферот, десет преку неколку клаузули), но ситуацијата се промени по влегувањето на Монако во трката.
Француските медиуми јавуваат дека „кнезовите“ понудиле 22 милиони евра при самиот потпис, плус уште осум преку неколку клаузули, па челниците на Џенова без премногу размислување ја прифатиле оваа понуда. Самиот фудбалер ќе потпише петгодишен договор, а во првата сезона платата ќе му изнесува еден милион евра, по што таа ќе расте процентуално во наредниот период.
Монако во младиот Италијанец гледа замена за Гвидо Карилјо, кој оваа седмица беше продаден во Саутемптон за сума од 22 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА