„Да му се извините на Чус Матео“

Реал Мадрид стигна до нова титула во Евролигата откако во финалето на „Фајнл 4“ турнирот во Каунас славеше против Олимпијакос на крилјата на Серхио Љуљ и неговите поени на три секунди пред крајот на натпреварот.

„Кралевите“ имаа турболента сезона во која не беа на врв на својата задача, но успеваа да се издигнат преку сите проблеми. Од 0-2 во серијата против Партизан и негативата од 18 поени во „мајсторката“ до негатива на полувремето од полуфиналето против Барселона, Реал Мадрид уште еднаш го потврди шампионскиот карактер.

„Главниот виновник“ по секој лош натпревар на Реал Мадрид беше 54-годишниот тренер Чус Матео. Како и претходно, и овој пат тој беше тема на разговор на конференцијата за медиуми, но овој пат на негова страна застана Валтер Таварес.

„Тренерот Матео ова го заслужи. Вие новинарите треба да му се извините. Имаше многу критики, многу сомнежи во него. Постојано наведувавте имиња на тренери од други екипи, но никој не го истакна него, само името на клубот Реал Мадрид. Тој е нашиот шеф и мора да се спомнува неговото име заедно со Мадрид секој пат. Мислам дека сите заслуги одат на него. Да не беше тој немаше да бидеме тука“, изјави Таварес.

Се вчитува...