ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ: Победа против Италија за одржување на европскиот сон

По четирите порази на првите четири средби, македонската кошаркарска репрезентација од 13 часот ја очекува клучен натпревар против Италија за одржување на надежта за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во 2022 година. Избраниците на Тодоров одиграа одличен натпревар против денешниот противник на отварањето на „балонот“ во Перм, натпревар во кој победникот беше одлучен во самиот крај на средбата па се надеваме дека фијаското од Русија ќе биде само дополнителна мотивација денеска.

Во однос на првиот натпревар Италијанците во својот состав нема да го имаат проблематичниот Теститори кој во одлучувачките моменти доминираше против нашиот состав во рекетот, како и Дела Вале, меѓутоа овој факт не треба да залажува бидејќи нивните места ќе бидат пополнети од „освежените“ Витали и Заноти, играчи кои можат адекватно да одговорат во играта на „Азурите“.

За овој натпревар во нашиот состав се враќаат Симиќ и Савичевиќ, па се надеваме дека младите играчи конечно ќе дебитираат за националниот дрес. На претходните два натпревара се докажа слабоста на Македонија под обрачот, Италија и Русија не „натскокаа“, па редно време е на паркетот да го видиме центарот кој треба да биде темел на репрезентацијата во иднина.

Добра вест за „црвено-жолтите“ е и враќањето на Дамјан Стојановски кој поради повреда го пропушти мечот против „Зборнаја“, а со оглед на тоа што во вториот дел против Русија ги „штедевме“ стартерите, и нашата репрезентација треба да ја има потребната енергија за победа.

Денешниот натпревар нема да биде нималку лесен, но е од типот „да се биде или не“. Победата е единствениот императив, а доколку успееме да ги поправиме грешките во одбраната во однос на првиот натпревар, да не доцниме во покривање на бековската линија при шутот за три поени (примивме 14 тројки), и го исконтролираме дефанзивниот скок, притоа најдеме и подобро решение во протокот на топката во нападот, европскиот сон може да продолжи.

Се вчитува...