Ракометниот клуб Голден Арт не успеа да обезбеди опстанок во елитното ракометно друштво, но управата на клубот не гледа на тоа како на преголема трагедија. Според нив, целта е исполнета со самото играње во елитата и давањето шанса на младите македонски играчи во највисокиот ранг на натпреварување.
Претседателот Сашко Даев на денешната прес-конференција обелодени дека клубот ќе продолжи со долгорочно функционирање и нема намера да отстапи од зацртаната стратегија шанса да добиваат исклучиво македонски ракометари.
„Јас како прв човек на Рехау и претставниците на Голден Арт ова го правиме затоа што сме општествено одговорни компании, кои сакаат да вратат во општеството. Затоа и инвестираме во млади ракометари, затоа што знаеме дека голем дел од овие млади луѓе ќе останат во Македонија, а наша цел е да им обезбедиме беспрекорни услови за работа и развој. Многу клубови се тука за да бркаат резултат, за нас најважно е да се обезбедат услови, да се напредува од секој аспект, а пласманот на табелата е секундарен. Сакавме да опстанеме, но не по секоја цена бидејќи нашите приоритети сепак се поинакви. Затоа и велиме, нашиот буџет за следната сезона ќе биде онолку колку што ќе треба, без фиксна сума, но ќе го обезбедиме сето она што е неопходно за клубот да функционира на високо ниво, а ракометарите да имаат одлични услови за тренинг и натпревари“, изјави Даев.
Тој очекува речиси сите ракометари од ланската сезона да останат во клубот и во новиот шампионат.
„Ние имаме валидни договори со сите ракометари, со исклучок на репрезентативецот Ѓоргиев. Неговиот договор истече, ние му понудивме продолжување на соработката, тој одби и му посакавме многу среќа во натамошниот дел од кариерата. Сите останати се под договор со нашиот клуб, слушаме бројни муабети дека ги барале суперлигашки екипи, што од една страна ни годи бидејќи очигледно создаваме квалитет и потенцијал, но од друга страна, ако некој сака да доведе наш играч што е под договор, треба да дојде и да разговара со нашиот клуб, не со самите ракометари“, прокоментира претседателот на Голден Арт КЛ7, Сашко Даев.
Поранешниот македонски репрезентативец Горан Ѓоргоноски е еден од носителите на проектот околу работата со младинските категории, нешто што е исклучително успешно ако се знае дека Голден Арт КЛ7 неодамна стана младински првак на Македонија.
„Искрено сум горд што сум дел од овој проект. Ме радува визијата на луѓето кои го водат овој клуб. Еве еден пример, финансиски бевме доволно моќни за зимава да донесеме еден до двајца ракометари од странство и сигурно да обезбедиме опстанок. Сепак, наш заеднички став е дека тоа е краткорочно решение, а ние не сакаме да работиме така. Наша цел е развојот на македонскиот ракомет и давање на шанса исклучиво на домашни играчи. Оваа наша визија се поклопува и затоа прифатив да останам дел од клубот. Наша визија за пет до десет години не е некој пласман на одредено место во лигата или учество во Европа, туку создавање на армија од млади ракометари, од кои ќе се извлечат и квалитетни играчи кои потоа ќе играат во врвните клубови во Македонија, но и во странство“, порача Ѓоргоноски.
За нов тренер на Голден Арт КЛ7 неодамна беше именуван доскорешниот стратег на Пролет, Никола Матлиески, кој ќе работи со првиот тим, но и ќе има улога во раководењето со младинските екипи на овој клуб.
„За мене ова е голем предизвик и можам да најавам дека ќе работам напорно за остварување на целите. Сигурно дека сите посакуваме да се вратиме во супер-лигата, но не гледаме на тоа како на приоритет што мора да се исполни по секоја цена. Ќе сториме се за да стигнеме до што подобри резултати, но за мене како тренер уште поважно ќе е секој од играчите да напредува најмалку по 10%, да стане подобар ракометар и да чекори напред во кариерата“, порача Матлиески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА