Дали има Ѓоковиќ шанси ако повторно се жали?

Министерот за имиграција на Австралија, Алекс Хок денеска ја поништи визата на Новак Ѓоковиќ и тој повторно се соочува со депортација од земјата.

Србинот има право повторно да поднесе жалба до судот, но колкави се шансите тој повторно да ја добие Австралија пред судските власти?

Професорката на Универзитетот Нов Јужен Велс во Сиднеј, др. Џанина Бауи изјави дека Ѓоковиќ може да се жали, но дека шансите овојпат се многу мали.

„Тој може да се жали повторно, но доколку не дојде до некои грешки во правниот процес, шансите на господинот Ѓоковиќ да успее да ја поништи одлуката на министерот Хок се мали“, изјави Бауи. 

Од друга страна австралиските медиуми пренесуваат дека адвокатскиот тим на Ѓоковиќ може да се жали дека министерот Хок не ги земал на прав начин сите информации со кои располагал. Случајот повторно ќе го води судијата Ентони Кели, кој првиот пат пресуди во корист на Србинот, па тоа е една од работите кои одат во негов прилог.

Што и да се случи Ѓоковиќ мора да ја добие одлуката до понеделник кога стартува Австралија опен, за да може да настапи на првиот гранд-слем турнир во сезоната.

Се вчитува...