Дали ќе пукне тиквата „Модриќ – Реал Мадрид“

Лука Модриќ во бројни ситуации повторуваше дека негова желба е да остане во Реал Мадрид до крајот на кариерата, подготвен да одбие супербогата понуда од Саудиска Арабија за да му се приклучи на Кристијано Роналдо во Ал Наср. Последните информации говорат дека оваа желба нема да му се исполни бидејќи Хрватот се поотворено влегол во конфликт со управата на клубот.

Конкретно, Модриќ е разочаран од претседателот Флорентино Перез што воопшто не му понудил нов договор. За разлика од Крос, Бензема, Начо и останатите ветерани, Флорентино воопшто не седнал на маса со хрватскиот генијалец, однос што Модриќ го смета за неправеден со оглед на сето она што го има сторено за „кралскиот клуб“.

Во Реал исто така се незадоволни од Модриќ, кој ветил дека на СП 2022 ќе ја заврши репрезентативната кариера, но во меѓувреме се премислил и решил да продолжи да ги брани боите на Хрватска. Тој одиграл 180 минути за „коцкестите“ во рок од четири дена, на што збеснал тренерот Анчелоти, кој ја темпира формата на ветеранот давајќи му често одмор во текот на сезоната во Ла Лига.

Останува да се види дали страстите ќе се смират и Модриќ на крајот сепак ќе потпише нов договор или Хрватот пред самиот крај на кариерата ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...