Дамјан е дерби-мајстор, Работнички заборави како се победува МЗТ

МЗТ Скопје славеше со 92-90 на вечното дерби против Работнички, што вечерва се одигра пред празни трибини во СЦ „Јане Сандански“. Човек на одлука беше Дамјан Стојановски, кој ги постигна поените за победа на една секунда до крајот. „Сино-белите“ настапија без Американецот Хиндс, но и во отсутво на главниот организатор на играта собраа сили, одиграа одлично во клучните моменти и на крајот се радуваа на петтата победа во низа. „Центарци“ имаат за што да жалат бидејќи во голем дел од средбата беа во водство, но по петтата лична грешка на Младеновски на три минути до крајот влегоа во криза, не ја контролираа борбата под обрачите и на крајот со наведната глава го напуштија теренот.

Почетните минути од дербито минаа во знакот на македонските репрезенативци, Маслинко ги постигна првите пет поени за МЗТ Скопје, а Младеновски првите четири за Работнички. „Металците“ беа подобри на стартот, поведоа со 17-11, но ситуацијата на теренот се промени по тајмаутот на Мираковски. „Центарци“ експресно се вратија, па дури и ја добија четвртината со минимални 21-22, најмногу благодарение на одличниот Младеновски, кој постигна 10 поени во почетните десет минути.

Тоа беше најава за фуриозната втора четвртина на „црвено-белите“, кои постигнаа дури 33 поени. Младеновиќ им создаваше многу проблеми на домашните кошаркари, во ритам влегоа и останатите кошаркари, па Кочов не успеваше да најде лек за налетот на противникот. Шутот од далечина го служеше МЗТ Скопје (8/15), Американецот Херис постигна четири тројки од исто толку обиди, но шампионот сепак замина на одмор со негатива од девет поени (46-55).

МЗТ Скопје го почна второто полувреме со петорка од македонски репрезентативци од последниот циклус, па на теренот истовремено се појавија Магдевски, Николов, Стојановски, Маслинко и Крстевски. Шутерското шоу на „сино-белите“ продолжи и во третиот период, водството на гостите експресно се истопи, па по трите тројки во низа (две на Маслинко, една на Николов), шампионот го врати водството (65-64). При резултат 68-66 Мираковски зеде нов тајмаут, по кој Работнички направи серија од седум поени, по што МЗТ се разбуди пред крајот на четвртината, па во последните десет минути се влезе со три поени предност за гостинскиот состав (70-73).

Работнички умешно го контролираше резултатот благодарение на Питс и на Балмазовиќ, па Кочов беше принуден да побара тајмаут при водство на противникот од 81-86. Центарот Олуџоби почна да доминира со серија офанзивни скокови, МЗТ намали на 85-86, пред Питс да погоди уште еден шут за водство на „центарци“ од 85-88 на 81 секунда до крајот. Капитенот Стојановски ја презеде одговорноста, умешно реализирајќи за 87-88. Работнички не го реализираше нападот, а потоа на сцена стапи Олуџоби, со едно погодено слободно фрлање, па офанзивен скок и нови два „пенали“ за водство од 90-88. „Центарци“ го имаа последниот напад, Питс тргна на влез и погоди преку Олуџоби, за израмнување на 90-90 на 5,6 секунди до крајот. Кочов зеде тајмаут, МЗТ беспрекорно егзекутираше изолација на Дамјан Стојановски, кој погоди шут од вртење за водство од 92-90 на 1,1 секунда до крајот. Мираковски побара тајмаут, но потоа Питс не ја изведе топката во поле за пет секунди, за печат на победата на „металците“, петта во низа над големиот ривал.

Дамјан Стојановски со 23 поени беше главна фигура во победничкиот тим, Маслинко постигна 16, а Харис 12 поени (сите во првото полувреме). Кај Работнички најефикасни во денешното дерби беа Питс со 21 и Балмазовиќ со 15 поени.

Се вчитува...