Данчо Целески и Гоце Толески го преземаат раководството на второлигашот Охрид

Второлигашот ГФК Охрид од стартот на оваа година со промени во раководните структури ќе биде предводен од македонските фудбалски легенди, поранешни репрезентативци Данчо Целески и Гоце Толески.

Целески и Толески на чело на раководството на клубот ќе се обидат да го стабилизираат охридскиот второлигаш и повторно да го вратат како респектабилен фудбалски колектив на домашната сцена.

Данчо Целески е едно од најголемите голмански имиња во историјата на македонскиот фудбал, долги години голман број еден во македонската репрезентација, кој зад себе има богата интернационална кариера во Унгарија и во Турција, а беше член и на стручниот штаб на македонската репрезентација под водство на Среќко Катанец.

Гоце Толески, кој исто така е поранешен македонски репрезентативец, во својата кариера беше член и на чешките Сигма, Млада Болеслав, Мост и Славија Прага како и на Вакер Бургхаузен.

„Првичната наша цел е да го стабилизираме клубот. Вративме во екипата неколкумина млади играчи од Охрид, а планирани се и засилувања со кои во пролетниот дел ќе го потврдиме второлигашкиот статус. Плановите се следната сезона да атакуваме повисоко на табелата“ – порачува новиот менаџерски двоец на Охрид.

На чело на стручниот штаб на ГФК Охрид, пак, останува Пепи Џигероски, а ќе му помага Александар Бакулески, кој ќе биде играч – помошник тренер.

Се вчитува...