Данчо Целески: Охрид го заслужува ова… Феноменална атмосфера кој не потсети на славните времиња на клубот!

Охрид на стартот од пролетниот дел од сезоната покажа колку вистински го сака фудбалот. По само еден месец од преземањето на легендите Данчо Целески и Гоце Толески како водечки лица на клубот, Охрид доживува вистински препород.

Повеќе од 5.000 навивачи низ феноменална атмосфера денеска на „Билјанини извори“ преку пресметката со најтрофејниот македонски клуб Вардар дадоа поддршка за новите текови во клубот кој од оваа година е во акција за враќање на неговите славни денови.

„Навистина прекрасно е чувството кога ќе се доживее една ваква атмосфера на ‘Билјани извори’ која не врати кога бевме играчи во клубот во неговите славни прволигашки денови. Речиси 6.000 навивачи, прекрасен амбиент и атмосфера за паметење се моменти кои ни носат дополнителен мотив за продолжување по овој пат. Заедно со безрезервната поддршка од градоначалникот на Охрид, господинот Кирил Пецаков, како и со Гоце Толески зацртавме пред нас цели кои сме секако цврсто решени да ги реализираме. Една од нив секако е враќање и на публиката на нашиот стадион, а токму денешните случувања се добар показател за нашата активност“ – вели претседателот на Охрид, Данчо Целески.

А, на извонредениот амбиент се надополни и позитивниот резултат против кандидатот за Првата лига, скопски Вардар. Охрид стигна до реми, иако може и да жали за пропуштените можности за триумф.

„Задоволни сме и од ремито со фаворитот, но да бидеме реални може и да жалиме што не се дојде до победата, посебно по двете 100% шанси во второто полувреме. Но, секако останува пред нас до крајот на сезоната резултатски уште многупати да ги радуваме нашите навивачи. Сакам и посебно да ја нагласам и судиската тројка која денеска одлично ја заврши својата задача, што е само момент плус за заокружување на комплетниот впечатокот од денешниот натпревар во Охрид. Останува пред нас многу работа, но дуелот со Вардар и атмосферата денеска без сомнение носат сериозен мотив затоа што градот Охрид и фудбалскиот клуб заслужуваат да се вратат на местото кое го заслужуваат во македонскиот спорт“ – истакнува Данчо Целески.

Се вчитува...