Даниел Димевски под истрага: Чија е салата „Кале“?

Долгогодишниот претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија, Даниел Димевски, се наоѓа под истрага на Антикорупциската комисија поради закупот на СРЦ „Кале“. Станува збор за сала што во јули 2019 година беше дадена на користење на новото раководство на КФСМ, на чело со Перо Антиќ, но во антикорупциска очигледно сметаат дека целото примопредавање било спротивно на законите.

Против Димевски е покрената истрага за незаконско постапување, со оглед на фактот дека тој во моментот на примопредавањето беше надворешен соработник за прашања од областа на спортот на Премиерот Зоран Заев, а воедно се појавува и како управител на правното лице кое е закупец на СРЦ Кале.

„Врз основа на добиени сознанија, ДКСК одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на  надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ, Даниел Димевски, кој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице ‘Турдолимпик’ ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ ‘Кале’ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот“, информираат од Антикорупциска комисија, информира „360 степени“.

Салата „Кале“ им беше доделена на челниците на КФСМ требаше да биде прв од низата спортски објетки што ќе бидат дадени на располагање на спортските федерации. Наспроти претходните најави, ниту една федерација потоа не доби свој дом како што тоа беше случај со кошаркарската.

„Во име на Владата на РСМ ова е една од клучните работи – спортските објекти да ги дадеме на располагање на спортските колективи. Особено ми е драго што овој процес почнува со Кошаркарската Федерација. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на кој нема оштетени, така што сите се задоволни. Благодарност до претходниот концесионер спортската сала „Кале“ е во добра состојба, па веднаш може да се користи 24 часа на ден во следниот период“истакна Димевски на прес-конференцијата пред девет месеци на која присуствуваше заедно со челниците на КФСМ.

Сепак, истрагата на Антикорупциска комисија се стартува откако е дојдено до сознанија дека Димевски самиот е управител на „Турдолимпик“ ДОО Скопје, кој фактички е закупец на СРЦ Кале. Логично е да се постави прашањето чија е во моментов салата Кале, дали на КФСМ, која требаше да ја користи како свој дом, или пак на Димевски, како управител на фирмата која е закупец на оваа спортска арена.

Само за потсетување, Перо Антиќ и неговите соработници се пофалија со добивањето на салата на располагање КФСМ конечно добива свој дом, но во изминатите месеци бевме сведоци дека оваа арена се користи и за футсал-натпревари, како и за подготовките на одбојкарската репрезентација за ЕП 2019.

Се вчитува...