Данило Брестовац е изборот на раководството на Ракометната Федерација на Македонија за предводник на националниот тим како наследник на Раул Гонзалес, а за негова официјална промоција ќе се почека да биде пронајден заеднички јазик со раководството на Металург, клубот во кој Брестовац моментно е шеф на стручниот штаб, дознава ЕКИПА. Во игра за оваа функција беа и Хрватот Кљајиќ и Словенецот Денич, но изборот на челниците на РФМ, како што дознаваме, овојпат падна на домашен стратег, по тројцата странци во низа (Обрван, Червар и Гонзалес).
Во текот на денешниот ден ќе заседава комисијата што ќе ги отвори апликациите на сите кои покажаа интерес за оваа одговорна функција. Сепак, јасно е дека изборот ќе го донесе највисокото раководство на РФМ, кое во случајов е подготвено да му укаже доверба на Брестовац, по функцијата кормилар на младинската и кадетската репрезентација, сега да почне со работа и со сениорскиот состав. Подмладувањето на составот дефинитивно беше еден од главните адути на Брестовац во оваа трка, со оглед на фактот дека тој најдобро ги познава сите играчи од младинскиот и кадетскиот состав на Македонија, кои ги водеше на последните ЕХФ шампионати во Скопје (младинците), односно во Грузија (кадетите).
Единствен проблем во целата ситуација е што Брестовац е актуелен тренер на Металург, клуб со кој има долгогодишен договор, а претседателот Мукаетов на последното Собрание на РФМ најави дека ќе бара новиот селектор целосно да биде посветен на работа во репрезентацијата. Во Металург не сакаат ни да чујат за разделба од тренерот во пресрет на клучниот дел од сезоната, па најреална опција во моментов е компромис – Брестовац да ги извршува двете функции до јуни, а потоа да се посвети целосно на работата во репрезентацијата, заминувајќи си од „Автокоманда“.
Први предизвици за новиот селектор ќе бидат двата натпревари против Исланд во рамките од квалификациите за ЕП 2020 закажани за април, на кои неопходна ни е една победа за да си ги отвориме вратите кон ново големо натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА