Данска е ракометна велесила – трета светска круна во низа

Данската репрезентација си обезбеди место во историјата на светскиот ракомет откако оваа селекција успеа да стигне до третата мундијалска титула во низа. Во вечерашното финале Данците славеа над Франција со резултат 34-29, меч во кој скандинавските ракометари доминираа од почеток до крај и апсолутно заслужено остануваат на тронот на светскиот ракомет уште најмалку две години.

Данска од самиот почеток наметна пеколно темпо, поведувајќи со 4-1. За помалку од десет минути игра актуелнтие светски прваци имаа предност од четири гола (7-3), но Жерар конечно одбрани неколку топки и полека, но полека, но сигурно почна да се враќа самодовербата кај француските ракометари. Данците за момент влегоа во нова серија и поведоа со 12-7, но потоа следеа неколку одлични минути на француските ракометари. Во финишот од полувремето предноста на скандинавската селекција се истопи, па Французите намалија на само еден гол негатива (15-16).

Почетокот од второто полувреме донесе и израмнување од 17-17, но Данска потоа постигна три гола во низа и повторно се најде во резултатска контрола. Микел Хансен првиот гол на мечот го постигна од пенал дури во второто полувреме, но затоа извонреден беше Питлик, кој погоди по осми пат во 42. минута за водство од 23-21. Данските ракометари заработија две исклучувања за неколку минути, но „црвено-белите“ благодарение на Лауге успеаја да ја одржат предноста од два тол (26-24). Mелер застана на голот на Данска на местото на Ландин и блесна со неколку одлични интервенции, па Данска на осум минути до крајот имаше три гола предност и напад (29-26).

Лауге го постигна својот осми гол (од девет обиди), за водство од 30-26, по што следеше грешка во чекори на Ремили. Лауге го продолжи своето шоу со деветтиот гол, проектил во горниот агол од голот на Жерар, Мелер одбрани уште еден зицер но Французите сепак успеаја да се приближат и преку Дика Мем на три минути до крајот намалија на 31-29. Во вистински момент за Данска погоди Питлик, а веднаш потоа печат на победата вредна титула стави Ландин, кој се врати на голот и го одбрани пеналот на Ричардсон. Ова промашување значеше и капитулација на Французите, за Данска да постигне уште неколку погодоци до крај и да слави со убедливи 34-29.

Расмус Лауге одигра триесетина минути од овој натпревар и постигна неверојатни десет погодоци, еден помалку реализираше Питлик, а Гидсел броеше до шест, тројцата најзаслужни за оваа огромна победа за историја на данската репрезентација.

Се вчитува...