Дарко Панчев: Успесите на македонскиот репрезентативен фудбал лежат во правилната селекција и одличното водство на Боби Милевски

Македонскиот фудбалер на векот Дарко Панчев во мега-интервју на неделата за хрватски „Индекс“ меѓу другото се осврнува и на актуелните состојби во македонскиот фудбал.

Легендата на Вардар и македонскиот фудбал истакнува дека Македонија во моментов може да се гордее со репрезентативниот фудбал, но заостанува во клупскиот за што одговорност мора да понесат и самите клубови.

Според Панчев, пак, успесите на македонската репрезентација лежат уште во периодот на формирањето на младата селекција која учествуваше на ЕП 2017 а од каде потоа поголемиот дел фудбалери најдоа свое место во А-селекцијата и и го донесоа пласманот на ЕВРО 2020.

„Нема тука некоја тајна. Основата на успехот, ако може така да се каже, на новата репрезентација е во одличната младата генерација од 2017 година и играчите кои дојдоа од таа селекција кога во голема мера го подобри квалитетот на екипата. Екипа која беше правилно селектирана и одлично водена уште од 2014 година од страна на господинот Благоја Милевски која со пласманот на ЕП 2017 донесе многу радости за македонскиот народ, а сега под негово водство бележи успех и во сениорските води“ – вели меѓудругото Дарко Панчев и дополнува:

„Тие млади играчи се дел од одлични европски клубови и имаат искуство на силни натпревари. Настапот на ЕВРО 2020 и победата над Германија покажаа дека напредуваме, а исфрлањето на Италија од баражот за СП е доказ дека може да се носиме и со најсилните. За жал, клупскиот фудбал ни е далеку од репрезентативниот“.

А, зошто клупскиот фудбал е на дното од Европа, македонската „Кобра“ вели дека конечно одговорноста за тоа треба да се бара и кај самите клубови кои мора на вистински начин да си помогнат на самите себе и на македонскиот фудбал.

„Треба да се биде објективен и да се каже дека Фудбалската федерација на Македонија не може сама да ги одржува и клупскиот и репрезентативниот фудбал на потребното високо ниво. Навистина се потребни оптимални услови за работа со младите и талентирани играчи. Тоа е основен предуслов за било каков резултат. Неопходно е клубовите да создадат младински школи како што некогаш ја имаше Вардар, но и ширум Македонија, во Битола, Штип, Прилеп, Струмица… Федерацијата треба и мора да помага да се создадат услови за напредок, но без посебен ангажман и исправни долгорочни политики на самите клубови кои треба организациски да се постават на високо ниво, не е можен напредок. Колку што мене ми е познато Фудбалската федерација на Македонија работи солидна работа врзана за младинскиот репрезентативен фудбал и тоа дава резултат. Во 2017 настапивме на ЕП, тие играчи денес се носители во А-репрезентацијата. Трудот е видлив, но нема доволно финансиски средства. Затоа клубовите мора да ја преземат сами својата одговорност и да помогнат“ – вели македонскиот фудбалер на векот.

Се вчитува...